Регион

Самоопределување: Обединувањето на Косово со Прешевската Долина е лага на Хашим Тачи

Самоопределување: Обединувањето на Косово со Прешевската Долина е лага на Хашим Тачи

Движењето Самоопределување (ВВ) смета дека изјавите на косовскиот претседател Хашим Тачи за припојување на Прешевската Долина кон Косово се лажни и дека крајната цел е да се добие признавање на независноста од страна на Србија во замена за отстапување на неколку општини со мнозинско српско население во северено Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Претседателот Тачи е во сосотојба да го плати со косовска територија признавањето од Србија и тоа е суштината на конечниот договор со Србија- изјави попладнево на прес-конференција шефот на пратеничката група на ВВ Глаук Коњуфца.

По повод денешното продолжување на преговорите во Брисел, Коњуфца рече дека е недозволиво јавноста да се информира за тоа само 24 часа пред средбата на Тачи со неговиот српски колега Александар Вучиќ.

– Ова е некоја нова пракса и не е случајно, бидејќи тие сега ќе користат нова стратегија, да информираат само неколку часа порано, за да нема собраниска дебата и граѓанско организирање, како што беше протестот на ВВ- изјави шефот на пратениците на ВВ.

Според Коњуфца, Тачи треба да се приведе од полицијата со налог на главниот обвинител, заради кршење на кривичниот законик и на Уставот на државата, затоа што нема мандат да преговара за ништо, а најмалку за територијата на Косово.