На прв поглед изненадува тоа што во 2018 година, две децении по завршувањето на војните на Балканот, во регионот повторно се зборува за границите, пишува Ројтерс.
Повод за тоа е загриженоста дека Албанија со прозападно ориентираниот премиер Еди Рама би можела да го запали политичкото буре барут, предупредува британската агенција.
Албанија и Косово сакаат на почетокот на следната година да ги укинат заедничките граници, потсетува Ројтерс и додава дека тоа кај другите поранешни југословенски републики поттикнува загриженост поради големоалбанскиот национализам.
На почетокот на анализата на британската агенција се потсетува дека со неисполнувањето на ветувањата Европската Унија ги разочарала проевропските елити на Балканот каде, меѓу другото, и затоа повторно растат тензиите и оживуваат опасните дебати за промени на границите.
Поминаа само три месеци откако Европската Унија на самитот во Софија свечено им вети на државите од Западниот Балкан блиски врски и перспектива на пристапување, а веќе се раѓаат нови грижи, пишува Ројтерс.
Од една страна некои балкански влади се прашуваат колку воопшто вредат ветувањата на западните партнери во ЕУ и НАТО, а од друга токму поради тоа и врие целиот регион, каде заговорниците и противниците на ЕУ водат жестоки битки.
За само неколку дена германската канцеларка Ангела Меркел двапати предупреди дека пред пристапувањето мора да бидат решени сите територијални конфликти во регионот, при што границите се неоспорни.
Кога станува збор за укинувањето на границата меѓу Албанија и Косово, Ројтерс укажува дека тоа би имало последици и за Македонија, каде живеат голем број Албанци.
Дебатата за цртање нови граници ја разгорува и Србија, смета британската агенција. Српскиот претседател Александар Вучиќ ја внесе во игра размената на територии меѓу Србија и Косово за да се реши проблемот со српското малцинство на северот на Косово кој и понатаму тлее.
„Но секое поместување на границите во регионот е многу опасно“, предупредува Улд Брунбауер, директор на Институтот за југоисточна и источна Европа на универзитетот Регенсбург.
Тој укажува дека тоа би можело да ги охрабри Србите во БиХ да бараат отцепување на својата територија и припојување кон Србија.
Брунбауер, но и европските дипломати, сметаат дека постои извесна врска меѓу политиката на ЕУ и повторното оживување на дебатата за границите на Балканот.
„Степенот на фрустрацијата кај проевропската елита е прилично висок“, констатира тој.
Причината за тоа, според него, е што ЕУ не ги исполнува своите ветувања. Токму блиските партнери на Германија, како Франција и Холандија, ја спречуваат ЕУ да ги отвори преговорите со Албанија и Македонија, иако тие, според оценката на Европската комисија, ги исполнуваат критериумите.
Претседателот на Франција Емануел Макрон е соочен со внатрешнополитички стравувања дека дебатата за проширувањето на ЕУ би можела да поттикне јакнење на десничарските популисти на претстојните избори за Европскиот парламент.
„Тоа го поттикнува сомнежот кај земјите од регионот колку воопшто вредат ветувањата на ЕУ“, смета Брунбауер.
Во сето тоа, истакнува Ројтерс, не помага ни американскиот претседател Доналд Трамп, кој неодамна ги опиша Црногорците како агресивен народ.
„Може да се очекува земјите како Русија и Кина да го пополнат вакуумот што го остава ЕУ“, смета Брунбауер.