Регион 01. август 2018. / 19:25

Грција: Роднини на загинатите во пожарите ќе ја тужат грчката држава поради загубите

Грција: Роднини на загинатите во пожарите ќе ја тужат грчката држава поради загубите

Роднини на брачен пар што настрада во шумските пожари недалеку од Атина минатата недела ги тужат грчките власти, пожарникарите и полицијата за нивната смрт.

Властите би можеле да одговораат по кривичните пријави за убиство од небрежност, телесни повреди и изложеност што довело до смрт, се наведува во текстот на тужбата, во која „Ројтерс“ имаше увид.

„Верувам дека оние што се одговорни за заштита на луѓето, за гаснењето на пожарите и спроведувањето мерки на претпазливост, ќе бидат осудени“, изјави адвокатот на роднина на починатиот брачен пар за „Ројтерс“.

Учителот Василис Кацаргирис (70) останал заробен во гаражата за време на пожарите, а неговата сопруга и семејните пријатели од САД се обидувале да стигнат до најблиската плажа. Сопругата сепак се вратила назад со цел да го спаси Василис, но не успеала во намерата.

Во тужбата се наведува дека властите пред и за време на пожарот не им кажале на сопружниците како да се однесуваат или како да побегнат на сигурно место за да ја избегнат катастрофата.