Народното собрание на Република Српска ја поддржа одлуката на српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, да стави вето на повикот на другите два члена на Претседателството (Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ) упатен до претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ да ја посети БиХ кон почетокот на март.
– Не е момент Мило Ѓукановиќ да дојде во официјална посета на БиХ и мислам дека зад тоа стои секој Србин и православец. Сметам дека таа посета треба да се одложи и тоа прашање повторно да се активира по смирувањето на ситуацијата во Црна Гора. Сметам дека кога се загрозуваат српските национални права врзани за Српската православна црква и нејзиниот идентит во Црна Гора не е најдобар момент на Ѓукановиќ да му се даде медиумска и политичка сцена во политичко Сараево – изјави Додик.
По маратонската, десетчасовна седница во Бања Лука, одлуката за вето беше усвоена со дветретинско мнозинство, односно 56 пратеници беа „за“, а никој не беше против ниту воздржан.
Пратениците, исто така, усвоија заклучок во кој се наведува дека Спогодбата за статусот на БиХ и ЕУ за дејствување на Фронтекс во најголемиот дел не е спорна за Република Српска, но за РС е неприфатливо да биде усвоена без согласност и учество на Министерството за внатрешни работи на Република Српска. Во друг заклучок се наведува дека се задолжува српскиот член на Претседателството на БиХ да почне нова иницијатива и преговори за склучување Спогодба за статусот меѓу БиХ и ЕУ за дејствувањето на Фронтекс во БиХ, со задолжително мислење и ставови од надлежните органи на РС.