Регион 27. февруари 2021. / 15:16

Рама в понеделник на средба со Урсула фон дер Лајен

Рама в понеделник на средба со Урсула фон дер Лајен
архива

Албанскиот премиер Еди Рама и министерката за надворешни работи Олта Џачка в понеделник ќе престојуваат во Брисел.

Како што информираа од Владата, тие прво ќе се сретнат со шефот на европската дипломатија Жозеф Борел, по што предвидена е средба со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен.

-Напредокот на Албанија за интеграција во ЕУ и текот на искористување на европските фондови за санирање на последиците по катастрофалниот земјотрес од ноември 2019 година, ќе бидат двете главни прашања на средбите, информираат од Владата.

Посетата на Брисел се случува по низата критики што Рама ги упати на адреса на ЕУ за „неправедната распределба” на вакцините против Ковид-19 од страна на ЕУ и оставањето во заборав на Западен Балкан.

Неодамна Рама најави дека набрзо ќе патува во една пријателска земја членка на ЕУ која на Албанија ќе и донира 360.000 вакцини. Дали тоа е токму Белгија од Владата не потврдуваат. Доколку не е Белгија, по престојот во Брисел Рама можно е да отпатува во „пријателската земја”.