Регион 01. февруари 2021. / 11:47

Радев ќе се кандидира за втор мандат

Радев ќе се кандидира за втор мандат

Бугарскиот претседател, Румен Радев, најави дека заедно со потпретседателката Илијана Јотова ќе се кандидира за втор мандат како шеф на државата на претседателските избори што ќе се одржат на крајот на годината.

-Ова рано објавување на нашата кандидатура им овозможува на бугарските гласачи да имаат право на информиран избор, а исто така им овозможува на политичките сили да одлучуваат. Како претседател и потпретседател, ќе продолжиме да работиме за обединување на општеството, за надминување на беззаконието и за гарантирање на достојното место на Бугарија во европското семејство, изјави Радев, пренесе БГНЕС.

Тој посочи дека засега не преговарал со политичките партии за поддршка на кандидатурата со Јотова.

Со Јотова очекуваме да бидеме заедно со бугарските социјалисти, како и со сите угледни Бугари, за да ја придвижиме Бугарија напред. Довербата меѓу нас и БСП се зајакна за овие тешки четири години од нашиот мандат. Тие докажаа дека продолжуваме да ја исполнуваме нашата заложба за нова Бугарија. Очекувам повторно да бидеме заедно со БСП, рече Радев.

Како што додаде, во оваа бурна година за Бугарија, претседателската институција продолжила да ги брани интересите на Бугарите, да биде последната бариера за беззаконието, да работи за модернизација на Бугарија и за интересите на Бугарите во странство.

-Протестите што избија ја потврдија исправноста на мојот став. Претседателската институција ги поддржа фер барањата на демонстрантите со барањето за оставка на владата, рече бугарскиот шеф на државата.