Претставници на „Здружението на жртви и сведоци на геноцидот во БиХ“ организираа мирен собир пред зградата на Амбасадата на Шведска во Сараево, поради одлуката Нобеловата награда за литература да се додели на австрискиот книжевник Петер Хандке.
Демонстрантите оценија дека врачувањето на наградата на Хандке е исто како таа да била доделена на некогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ. Поради радикалните идеолошки погледи и десничарската ангажираност на Хандке, беше покрената и петиција за повлекување на одлуката тој да ја добие наградата. Нобеловиот комитетот потоа соопшти дека не постои начин за повлекување на наградата.
На протестот во Сараево, претставничките на здружението „Мајки од Сребреница“ држеа фотографии од Хандке, на кои се гледа дека тој бил во Сребреница во летото 1996 година, пренесува сараевскиот портал „Кликс“. Претседателката на здружението Мунира Субашиќ на Амбасадата и предаде писмо за кралот и кралицата на Шведска, во кое ги предупредува дека наградата е доделена некому кој поддржувал злосторство.
– Наградата можеа да ја доделат и на (Радован) Караџиќ и (Ратко) Младиќ и на сите кои извршија злосторства над муслиманите – оцени Субашиќ.
Од здружението ја повикаа Академијата на Шведска да се откаже од доделувањето на наградата и да направи преседан.