Регион 01. април 2020. / 12:44

Проф. д-р Иван Џикиќ: Тестирајте што повеќе луѓе, следете го примерот на Јужна Кореја

Проф. д-р Иван Џикиќ: Тестирајте што повеќе луѓе, следете го примерот на Јужна Кореја

Тестирајте, тестирајте, тестирајте. Што повеќе тестирања имаме, толку повеќе знаеме за болеста, имаме предвидувања за она што се случува во широката популација.

Оваа е изјавата што за „Н1 телевизија“ ја дава проф. д-р Иван Џикиќ, еден од најуспешните светски научници кој од Хрватска. Тој е молекуларен биолог, директор на Институтот за биохемија на Гете универзитетот во Франкфурт. Во овој моментоив тој и неговиот тим работат на базични научни истражувања на природата на корона вирусот, кои можат да помогнат за создавање вакцина.

Џикиќ му предлага на хрватскиот  кризен штаб осум чекори во оваа критична фаза на борбата против корона вирусот. Покрај мерките за изолација, овој научник се залага за повеќе тестирање.

Светската здравствена организација препорачува интензивирање на мерката тестирање и навремено откривање нови случаи. Набавката на нови инструменти и отворање што повеќе акредитирани лаборатории ширум Хрватска мора да биде приоритет на сегашните вложувања – вели Џикиќ, пренесува 24 sata.hr.

Џикиќ инсистира на масовно, но организирано тестирање, со отворање на што повеќе акредитирани лаборатории, зашто тестирањата треба да се вршат според утврдени критериуми и податоците да се собираат на едно место. Но, нема дилеми дека за овој научник што помасовното тестирање е еден од условите за успешна борба против вирусот.

Зборувајќи за релативно добрите резултати на Германија, Џикиќ објаснува дека тоа се должи на големиот број тестирани граѓани во таа земја, како подготовка за борбата, која подразбира изолација, спречување на контактите и спречување на ширење на вирусот во ризичната популација, повозрасните лица и хорнично болните.

Д-р Џикиќ, кој работи и живее во Германија, ја истакнува Јужна Кореја како „најдобар пример како може со правилно тестирање да се намали штета врз економијата и врз луѓето и да се помине низ таа криза на еден поблаг начин“.

Џикиќ зборува и за тоа дека корона вирусот има само 4 до 8 дополнителни мутации, што значи дека штом ќе се создаде вакцината, таа ќе дејствува поделотворно одошто вакцината против обичниот грип, на пример.

Тој вели дека околу 60 отсто од луѓето заразени со вирусот го преживуваат без симптоми, додека само 20 отсто, главно постари луѓе и хронично болни, имаат потежок облик на болеста. Кај нив смртноста е многу повисока. Според него, она што го прави ковид-19 толку многу опасен е фактот што е непредвидлив и што многу брзо се шири.

Oвој вирус е опасен затоа што не го познаваме, немаме лекови, немаме вакцина, единствено што имаме се правилни епидеомиолошки мерки, со чија помош можеме да го блокираме ширењето на вирусот – објаснува проф. д-р Џикиќ.

Тој порачува дека иако секоја земја за себе е уникатна, борбата против вирусот, барем во Европа, мора да биде заедничка.

– Мораме да ги споделиме искуствата, не само тука во регионот на бивша Југославија, туку и во Европската Унија. Здравствените системи мора да бидат флексибилни и да ги менуваат препораките, за на тој начин најефикасно да се борат во локалните средини – порачува д-р Џикиќ.