Приштина ќе направи сѐ за да дојде до мировен договор, иако претседателот Александар Вучиќ е последниот човек во Србија на кој му верувам, изјави косовскиот вицепремиер Енвер Хоџај, а пренесува Асошиејтед прес.
„Ние сме посветени на дијалогот, а Вучиќ е последниот човек во Србија на кој му веруваме. Меѓутоа, јас сум историчар по образование и знам дека мировен договор се склучува со непријатели, а не со пријатели“, кажа Хоџај на панелот за Западниот Балкан во рамки на Бледскиот стратегиски форум на тема „Западниот Балкан: Изгубени години или нова надеж?“.
Хоџај кажа дека е разочаран од тоа што Вучиќ во говорот во Косовска Митровица, како што кажа, позитивно зборувал за Слободан Милошевиќ.
Заменикот премиер на косовската влада, меѓутоа, одби да му одговори на модераторот на собирот, новинарот на Економист Тим Џуда на прашањето дали би прифатил договор кој опфаќа размена на територии и тоа на северните косовски општини за Прешевската долина, како и признавање од страна на Белград и членство во ОН.
Тој наместо одговор само кажа дека „Косово би сакало да ја заокружи државноста како мултиетничка земја, во рамки на сегашните граници“.