Регион 05. ноември 2018. / 12:10

Приштина подготвува нов закон: Кој ќе спомене злосторници од УЧК – оди во затвор

Приштина подготвува нов закон: Кој ќе спомене злосторници од УЧК – оди во затвор

Секој кој живее во Косово и ќе се осмели да ја спомене ОВК како терористичка и во негативен контекст би можел да се соочи со суд и затвор.

Како што пишува Блиц, накусо ова е една од идеите на приштинските власти кои сакаат да ја преточат во практика доколку се усвои законот за вредностите на борбата на ОВК. Суштината на овој за сега нацрт, во кој Блиц имал увид, е да се казнува негативното споменување на злосторствата на ОВК со што Приштина практично сака и правно формално да ги амнестира злосторниците кои во Косово вршеле злосторства врз Срби и неалбанско население.

Според весникот, ова не би требало да биде изненадување со оглед на тоа што многумина припадници на ОВК денеска се наоѓаат во државното раководство на Косово.

-Тие практично сакаат да воведат вербален деликт. Ако некој јавно каже дека припадници на ОВК биле убијци би можел да биде казнет. Ако некој сведок на суд каже дека припадници на ОВК се злосторници, би можел да биде казнет и да заврши в затвор, вели извор за Блиц.

Нацрт законот за оваа проблематика се уште не е ставен на дневен ред на косовскиот парламент, но е подготвен, така што е извесно дека набргу би можел да се најде пред пратениците.

Овој документ, според сознанијата на Блиц, ги уредува институционалната и граѓанската обврска за заштита на вредностите на борбата на ОВК која, како што се наведува, со својата пожртвуваност, ангажман дала непроценлив придонес за Ослободителната борба на Косово и била решавачки фактор за слобода и независност на народот на Косово.

Во Нацртот се наведува дека под заштитена вредност на борбата на ОВК се смета: вооружената борба на народот на Косово, на чело со ОВК, со цел ослободување на Косово; ветеран, знамето, грбот, генералниот штаб, политичката управа на ОВК како и Меморијалниот комплекс “Адем Јашари”. Исто така, заштитена вредност на борбата е и самата ОВК за која се наведува дека е воена формација вооружена и организирана врз добороволна основа, со препознатлива униформа и ознаки, со организациски единици и командна хиерархија под раководство на Генералниот штаб, со јасна мисија заштита на народот на Косово и ослободување на земјата од окупациските воено-полициски сили и управата на Србија во Косово.

За злосторствата, нехуманото постапување и трговија со човечки органи од страна на ОВК, поранешниот специјален известувач на Советот на Европа Дик Марти направи извештај по чие објавување беше формиран Специјалниот суд за ОВК. Токму Марти го означи актуелниот косовски претседател Хашим Тачи како еден од челните луѓе на групата која убивала политички противници и цивили чиишто ограни се продавале.

Но, Тачи не е единствениот за кој се шпекулира дека би можел да се најде со обвиение од Специјалниот суд. Освен него, тука се и актуелниот премиер Рамуш Харадинај и неговиот помлад брат Даут, но и претседателот на Парламентот Кадри Весели.

Во Косово за време на воените години се убиени над 3000 Срби и неалбанци, киднапирани се над 1000 луѓе, а според УНМИК пронајдени се траги од околу 140 приватни затвори и логори.