Министерката за евроинтеграции на Косово Дурата Хоџа побара од комесарот за проширување на Европската Унија Јоханес Хан да се заложи за процесот на визна либерализација за косовските граѓани да се заокружи до крајот на годинава, јави дописникот на МИА од Приштина.
Како што соопшти денеска Министерството, Хоџа на средбата со Хан на Конференцијата на европски региони и градови во Салцбург, изразила благодарност до еврокомесарот за неговата досегашна поддршка за Косово и за неговите напори за проширување на ЕУ во Западен Балкан.
– Ние ги исполнивме сите услови од насоките за визна либерализација и продолжуваме со исполнување на Агендата за европски реформи, изјавила Хоџа на средбата со Хан, додавајќи дека Косово сега очекува и членките и институциите на ЕУ да ги преземат потребните процедурални чекори и процесот да се заврши без одолговлекување.
Хан, се вели во соопштението, нагласи дека Косово ја има неговата поддршка во процесот на интеграција, вклучително визната либерализација и ја охрабри министерката Хоџа земјата да продолжи со реформите, посебно во поглед на владеењето на правото, во јавната адмјинистрација и водењето бизнис.