Регион 07. декември 2019. / 11:45

Пред изборите во Хрватска: Милановиќ и Шкоро и се приближија на Колинда

Пред изборите во Хрватска: Милановиќ и Шкоро и се приближија на Колинда

Прва голема анкета во Хрватска е објавена откако на претседателските избори се познати сите 11 кандидати, а резултатите од анкетата покажуваат дека финалето ќе биде непредвидливо бидејќи е целосно неизвесно помеѓу актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, Зоран Милановиќ и Мирослав Шкоро, јавија локални медиуми.

Ако се одржат изборите денеска, Колинда би добила 27,4 проценти од гласовите, Милановиќ 24 проценти и Шкоро 23 проценти, објави хрватскиот портал „Индекс“.

Првите тројца кандидати се во рамките на статистичката грешка, што значи дека следните две недели може да доведат до значителни промени.

Според анкетата, Мислав Колакушиќ би освоил 8,2 отсто, а потоа следува Иван Пернар со 2,9 отсто, додека Дејан Ковач би добил 2,6 отсто. Потоа следува Далија Орешковиќ со 1,3 проценти и Дарио Јуричан со 1,2 процент. Другите тројца претседателски кандидати добиваат под еден процент поддршка.

Се уште има осум проценти неопределени гласачи кои нагласуваат дека би гласале сигурно, според медиумите во Хрватска.

Претседателските избори во Хрватска ќе се одржат в недела, на 22 декември.