Четвртиот потпретседател на грчкиот Парламент од редовите на Нова демократија, Никитас Какламанис, кој од утрово ја води седницата за ратификација на Договорот од Преспа, на почетокот на денешната расправа, најпрво го осуди нападот врз домот на пратеничката од СИРИЗА, Теодора Ѕакри, а потоа ги коментираше како „неприфатливи“ вчерашните изјави на медијаторот Нимиц, јави дописничката на МИА од Атина.
-Моето лично мислење е дека верувам дека сите колеги во салата, и оние што ќе гласаат „за“ и оние што ќе гласаме „против“, одлуката е резултат на нивното слободно размислување и поддршка на политичката линија на нашите партии. Во ова смисла, ги сметам за неприфатливи, вчерашните изјави на господинот Нимиц. – рече Какаламанис.
Инаку нимиц вчера кажа дека евентуалниот нов договор меѓу Скопје и Атина, според него, би траел со години, а не со месеци, бидејќи сите прашања вклучувајќи го и името за севкупна употреба – ерга омнес ќе бидат вратени на почетна позиција, а веројатно ќе има и различен политички моментум во двете земји, како и промени во регионалната и глобалната политичка сцена.
– Двете страни, речиси 25 години, од потпишувањето на Времената спогодба во 1995, работеа со добра волја да ги разрешат контроверзните прашања. Договор конечно беше постигнат по долгогодишни интензивни и тешки разговори и преговори, бидејќи секоја страна веруваше дека успеала да ги постигне суштинските елементи од своите национални интереси, со разбирање дека договорот ќе донесе мир, стабилност и пријателство, наместо продолжување на конфликтот. – вели Нимиц.