Поранешниот генерален командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Азем Сиља отпатува претпладнево за Хаг на распит пред Специјалниот суд за воени злосторства во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Сиља е повикан од меѓународниот трибунал во својство на осомничен за воени злосторства во текот и непосредно по војната од 1998-99 година.
Неговото заминување, преку објава на Фејсбук, го потврди советникот на претседатеот Хашим Тачи, Исмаил Сиља.
Специјалниот суд со седиште во Хаг е формиран од Собранието на Косово во август 2015 година, под притисок на меѓународната заедница, а го водат меѓународни обвинители и судии. Формалната работа ја започна на 14 јануари минатата година, со испитувањето на еден од поранешните команданти на ОВК.