Царинската војна меѓу САД и ЕУ, можеби звучи како некое глобално надмудрување што ги засега големите сили, но има директно влијание и на „малите“, како што е случајот со производителите на праски во Грција. Како што пишува „Ројтерс“, кревањето на царините што го почна американскиот претседател, Доналд Трамп,се заканува да го уништи еден од најголемите извозни сектори на грчката економија, кој успеа да ја преживее десетгодишната економска криза.
Така, Одлулката на администрацијата на Трамп да воведе тарифа од дополнителни 25 отсто на низа производи од ЕУ како знак за одмазда за европските субвенции за Ербас, погодува широк спектар производи, како шкотското виски, италијанските сирења, француските вина, но во Грција, на удар се најдоа конзервираните праски.
Грција е најголем светски извоник на конзервирани праски од кои една петтина од вкупно 250 илјади тони годишно завршува на американскиот пазар. На увозот на грчи праски во САД, порано се применуваше царина од 18 отсто, но со новите тарифи таа стапка ќе се зголеми на 43 отсто.
Дополнителен проблем е тоа што зголемувањето на царините стапи на сила на 18 октоври, токму во време кога Грците се подготвуваа да испорачаат 50 милиони конзерви во САД. По зголемените царини, многу американски купувачи, најчесто кетеринг комапни што ги снабдуваат со храна болниците, училиштата и војската, најавиле дека ќе ги откажат нарачките или ндека нема да можат да ги платат зголемените тарифи, се жалат производителите.
Поради тоа, производителите имаат голем вишок лимени канти од по три килограми наменети за американскиот пазар, коишто не може да бидат продадени во Европа, Азија или Латинска Америка, каде што се испорачуваат конзерви од по еден килограм. Како што наведуваат од оваа индустрија, поради новонастанатата ситуација на американскиот пазар, ќе изгбат приход од околу 50 милиони долари.
Како што оценува Ројтерс, тоа е мал износ гледано од аспект на межународната трговија, но е од витално значење за еден од најсиромашните региони на Грција, каде што стапката на невработеност е 20 отсто. Дополнителен проблем е тоа што поради вишокот на праски, ќе дојде до пад на цените и пораст на невработеноста.
На тој начин, малите овоштари од Грција, ќе ја платат цената за производителите на авиони некаде далеку од нивните куќи, заклучува Ројтерс.