Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го разреши од должност министерот за здравство Милан Кујунџиќ, како резултат на аферата со недвижности, објави хрватскиот портал „Индекс“.
При образложувањето на одлуката да биде сменет министерот за здравство, Пленковиќ појасни дека го сменил Кујунџиќ затоа што не бил фокусиран на својата работа, туку на аферите во јавноста. Меѓу другото, една од причините што ги наведе Пленковиќ е и корона вирусот.
– Министерството за здравство е важно, одговорностите што ги имаме во овој момент, како земја претседавач со ЕУ, но и како земја која заедно со другите мора да се подготви за одбрана од епидемијата на корона вирус што се шири, бараат целосна посветеност на минситерот кон оваа тема. Во моментов, Кујунџиќ, пред се, беше гокусиран на теми што немаа врска со министерството за здравство – изјави Пленковиќ.
Кујунџиќ вчера, по разговорите со Пленковиќ, им изјави на новинарите дека го става мандатот на располагање и премиерот и дека тој треба да одлучи дали ќе го смени.
На прес-конференцијата, на која се појави со адвокат, Кујунџиќ истакна дека моралот не му дозволува да поднесе оставка.
Аферата со недвижности се појави врз основа на несразмерност во имотниот лист и вистинската имотна состојба на Милан Кујунџиќ.
Инцидентот, кој се случи пред една од неговите куќи, кога обезбедувањето нападна новинарка на весникот „Слободна Далмација“, само ја влоши положбата на Кујунџиќ, кој тврди дека некои интересни групи наводно водат кампања против него.