Регион 20. јули 2019. / 16:59

По Харадинај, пред Специјалниот суд за воени злосторства ќе треба да се појави и Красниќи

По Харадинај, пред Специјалниот суд за воени злосторства ќе треба да се појави и Красниќи

Јакуп Красниќи, поранешен претседател на косовското Собрание и портпарол на Ослободителната војска на Косово (ОВК), доби покана од Специјалниот суд за воени злосторства пред кој треба да се појави на 24 јули.

Информацијата ја потврди самиот Красниќи, кој преку соопштение за јавноста изрази уверување дека „правдата ќе биде задоволена“ и порача дека „вистината е дека Србија изврши геноцид во војната на Косово, а нејзините монструозни конструкции за ОВК ќе паднат во вода“.

Несреќа и своевидна иронија е тоа што наместо Србија да се соочи со правдата за злосторства против човештвото и за геноцид, ние треба да се браниме од нејзините измислени обвиненија. Наместо да се судат аргументите и доказите кои се неспорни и кои ги знае цел свет, правдата се занимава со ниски измислици и невистини на српската политика и на нејзините тајни служби – стои во соопштението на Красниќи.

Според првиот претседател на косовското Собрание по војната, Специјалниот суд е формиран врз основа на извештајот на Дик Марти, усвоен од Советот на Европа, и „има за цел компромитација и инкриминација на праведната и чиста борба на ОВК“.

Покана да се појави пред Судот во Хаг во својство на осомничен доби и Рамуш Харадинај, кој вчера поднесе оставка од фунцкијата претседател на Владата на Косово, порачувајќи дека пред судот сака да се појави како граѓанин на Република Косово, а не како премиер.