Човек осуден за тешко убиство пред 25 години е испорачан од Швајцарија во Република Српска. Зоран Пантиќ бил осуден на 12 години и 10 месеци затвор поради убиството на шестчленото семејство Исиќ во Теслиќ, а пред 24 години избегал од затворот во Бјелина. Деновиве тој бил уапсен во Швајцарија по што следуваше екстрадицијата и неговото повторно сместување во затворот во Бјелина.
По неговото бегство, Пантиќ, го презел идентитетот на својот брат, чии лични документи ги поседувал, се оженил за швајцарска државјанка и поднел барање за добивање швајцарско државјанство. Сепак, како што соопштија од министерството за внатрешни работи на Република Српска, припадници на управата за криминалистичка полиција, по неколку години интензивна истрага го лоцирале Пантиќ во Швајцарија и по податоците за местото на коешто престојувал, надлежните швајцарски органи го уапсиле бегалецот.
– Ова е уште еден пример за истрајната работа на полициските службеници на Република Српска, коишто и по 24 години од бегството на осудениот не се откажаа од потрагата и нефовото приведувањето пред правдата. Со тоа, барем малку им овозможуваат сатисфакција на роднините на жртвите – изјави портпаролката на полицијата на Република Српска, Мирна Миљановиќ.
Адвокатот на бегалецот, Миодраг Стојановиќ, најави дека неговиот клиент планира да покрене обновување на постапката за тешко убиство.
– Пантиќ сака да побднесе барање за обнова на процесот поради тоа што тврди дека не учествувал во тоа убиство и дњека признанието го дал под физичко малтретирање и сака во ново судење да го каже своето мислење – изјави Стојановиќ.