Регион 25. јануари 2021. / 22:57

Пленковиќ: Дипломатијата околу вакцините се претвора во киднапирање

Пленковиќ: Дипломатијата околу вакцините се претвора во киднапирање

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ оцени денеска во Загреб дека дипломатијата околу вакцините против Ковид-19 се претвора во нивно киднапирање.

Реков дека Vaccine Diplomacy ќе биде главна синтагма и главна задача на почетокот на годинава. Сега тоа во еден дел се претвора во Vaccine Hijacking, или киднапирање, односно оние кои се подготвени во околностите да не се поврзани вака со широки договори, каков што ние имаме како членка на ЕУ, да плаќаат повеќе за доза, отколку што платила Унијата, предупреди Пленковиќ на прес-конференција.

Тој истакна дека „се случуваат одредени активности кои се надвор од договореното“ и посочи дека ќе инсистира на почитување на тие договори.

Во врска со проблемите околу испорака на вакцините против коронавирус, Пленковиќ потсети дека сите лидери на ЕУ изразија многу силен став дека треба да се почитува планираната динамика на испорака на вакцини и потсети дека ЕУ вложила огромни средства во фармацевтски компании во процесот на истражување на вакцините.

На прашањето за евентуални тужби против производителите на вакцини, доколку тие не ги исполнат своите обврски, Пленковиќ одговори дека тоа ќе биде заедничка активност на ниво на ЕУ, бидејќи ЕК е страна во договорот, додавајќи дека „е опција да се искористат сите средства за исполнување на договорните обврски “.

Хрватскиот премиер, исто така, посочи дека втората доза од вакцината ќе биде обезбедена на време за оние кои ја примиле првата.

Хрватска порача речиси шест милиони дози вакцини од различни производители преку ЕУ.

Така, еден милион дози се порачани од Фајзер/БиоНТек и Модерна, 2,7 милиони од АстраЗенека, 900.000 дози од Џонсон & Џонсон и 300.000 од КјурВак.