Регион 12. октомври 2020. / 18:30

Пецас: Мицотакис ќе го информира Мишел за нелегалните и провокативни турски активности

Пецас: Мицотакис ќе го информира Мишел за нелегалните и провокативни турски активности

Во пресрет на следниот Европски совет на 15 и 16 октомври, темите за нелегалните и провокативни турски активности од изминатите денови, премиерот ќе му ги постави на претседателот на Европскиот совет за време на денешниот телефонски разговор, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на редовниот брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Пецас додаде дека и за време на денешниот Совет за надворешни прашања на ЕУ ќе бидат споменати турските активности и истакна дека „активностите на Турција се целосно спротивни со заклучоците од вонредниот Самит на ЕУ на 1 и 2 октомври“.

 Во однос на тоа кои ќе бидат следните чекори на официјална Атина, портпаролот на грчката Влада, рече дека нивната стратегија е позната и не се менува, а во стратегијата се и прелиминарните контакти со Турција, додавајќи дека Мицотакис ќе преземе иницијативи, кои дополнително ќе бидат соопштени.

За евентуалните санкции, Пецас рече дека следниот Европски совет ќе биде многу важен и за конкретната тема.