Регион 09. октомври 2018. / 11:08

Орбан: Безбедноста на Унгарија и стабилноста на Турција се директно поврзани

Орбан: Безбедноста на Унгарија и стабилноста на Турција се директно поврзани

По деликатната посета на Германија, турскиот претседател срдечно го дочека премиерот Орбан, кој се заложи за „стратегиска соработка“ на ЕУ и Турција.

Орбан меѓу првите му го честиташе на Ердоган реизборот во јули и е меѓу ретките европски лидери кои беа во Анкара на свеченоста за почетокот на неговиот втор мандат.

„Стабилноста на Турција е гарант за нашата безбедност“, порача Орбан на заедничката конференција за новинарите. „Во интерес на Унгарците е Турција да остане силна и способна да го одржува мирот во регионот“.

„Стабилна турска влада и стабилна Турција се предуслови за тоа Унгарија да не биде на никој начин загрозена од емиграцијата“, истакна Орбан.

Тој изрази благодарност на Турција за тоа што примила повеќе милиони бегалци, а на Ердоган за „целосното почитување“ на договорот меѓу Турција и Европската Унија.

Меѓутоа, тој критички зборуваше за односот на Европската Унија кон Турција.

„Ако Европа навистина сака да стане голем глобален играч, таа мора да го најде вистинскиот облик на соработка со Турција“, оцени Орбан.

„Она што сега го правиме е нечесно“, кажа тој за преговорите за пристапување кои со години се во застој.

На официјална Анкара ѝ е потребна Европската Унија во момент кога се влошуваат нејзините врски со Вашингтон, а нејзината економија ослабува бидејќи е многу зависна од трговијата со Европа, пишува Франс прес.

Се додава дека Ердоган и Орбан, кој во април по трет пат надмоќно победи на изборите, неретко се прикажуваат како нов вид демократски избрани лидери кои се склони кон авторитарно владеење и кои ги задушуваат личните права.

Ердоган и Орбан најавија дека почнуваат воена соработка. „Претходно за тоа немаше пари или енергија, но сега тоа ќе го направиме: целта на Унгарија е да изгради модерна и ефикасна национална војска“, истакна Орбан

Денес Орбан и Ердоган во Будимпешта свечено ќе го отворан обновениот музеј Ѓул Бабе, на дервишот и поет кој во Унгарија пристигнал со војската на Сулејман Величествениот.