Од денеска во Хрватска се во сила олеснети епидемиолошки мерки – кафулињата почнуваат да работат со тоа што ќе продаваат пијалоци „за носење“.
Спортски сали, фитнес центри и училишта за странски јазици, детски игралишта и работилници, клубови за автомати, казина и обложувачници, исто така, ќе можат да работат.
Олеснувањето на мерките е придружено со прецизна епидемиолошка рамка, така што луѓето кои земаат храна и пијалоци не смеат да останат на терасите во кафулињата или пред нив.
Не е дозволено влегување во кафулиња, а лицата кои чекаат на испорака мораат да одржуваат растојание од два метра и да користат маски, а на објектите треба да се ставаат известувања за епидемиолошки мерки.
Забраните за патување меѓу општините и регионите во Словенија се укинати, отворени се сите продавници и повторно се дозволени собири до десет лица откако земјата се префрли на портокаловото ниво на ограничувања.
Собирите на јавни простори досега им беа дозволени на семејствата и членовите на исто домаќинство, но од денеска тие се ограничени на десет лица, поголемите настани или собири се уште се забранети, а полицискиот час од 21 до 6 часот наутро останува во сила.
И сите продавници можат да се отворат од денеска, под услов персоналот да има негативен тест за коронавирусот, и тие ќе мора да се тестираат еднаш неделно.
Укинати се и ограничувањата во областа на спортот и рекреацијата со дозвола на бесконтактни тренинзи за поединци и групи до десет спортисти, а спортските настани засега остануваат без гледачи, јави СТА