Властите во Романија вршат истрага на шокантни податоци за непочитување на мерките за безбедност во услови на пандемија, откако стана јасно дека 10 отсто од скоро сите заразени со Ковид-19 во државата се вработени во една иста болница.
На тестовите како позитивни се појавиле 84 лица медицински персонал од болницата во градот Сучава во северниот дел на Романија. Од нив, 34 биле лекари, а останатите се медицински сестри.
Заради кризата, властите ја затворија болницата и во двонеделен карантин ги ставија сите лекари со негативни резултати од тестовите. Болните биле префрлени во други здравствени установи, а оние со полесни заболувања се пратени на домашно лекување.
Истрагата утврдила дека наспроти сите предупредувања во болницата немало доволно заштитни средства за персоналот. Управата ги принудила сите вработени да се појават на своите работни места, без разлика дали се чувствуваат здравствено добро или не. Шефот на болницата е отпуштен од работа, а романското обвинителство отвори посебен предмет.
Според последните податоци, бројот на заразени со корона вирусот во Романија изнесува 906 лица.