Романската Влада од утре воведува нови мерки за сузбивање на ширењето на коронавирусот, а состојбата на тревога ќе биде продолжена до средината на ноември.
Од утре ќе бидат забранети сите приватни прослави, како што се свадби и крштевки на отворено и во затворен простор, а граѓаните ќе мора да носат маски на јавни места во градовите каде што двонеделниот просек на заразените надминува три случаи на 1.000 лица.
Носењето маски во моментов е задолжително во јавниот превоз, затворените јавни простори и отворените места каде што е тешко да се одржи дистанца, како што е пазарот.
Исто така, театрите, кината и угостителските објекти ќе се отвораат во зависност од бројот на заразени лица во секој град.
Во последните денови, повеќе од 3.000 нови случаи дневно се регистрираат во Романија, со што вкупниот број на заразени од почетокот на епидемијата се искачи на 160.461 лице. Досега починаа 5.535 луѓе.