Влеговме во Новата 2021 година, но некои работи, за жал, остануваат исти. Земјата во Хрватска сè уште се тресе.
Во 6 часот и 55 минути Евромедитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ) пријави утрово за два умерени земјотреси во близина на Петриња и Сисак.
Првиот земјотрес со јачина од 3,2 степени според Рихтер се случи во петокот наутро во 4,52 часот, а епицентарот бил на 12 километри југозападно од Петриња. Вториот земјотрес со јачина од 3,1 степен е регистриран во 6,37 часот, а епицентарот бил на 19 километри југозападно од Сисак.
Земјотресите беа почувствувани и во областа на Загреб.
Земјата во централна Хрватска продолжува да се тресе по разорниот земјотрес кој со јачина од 6,2 степени по Рихтер ги погоди Петриња и околината во вторникот (29-ти декември).
Овој земјотрес беше проследен со низа последователни, а до 31 декември имаше 265 земјотреси со магнитуда поголема од 1,0.