Директорот на болницата во Подгорица изјави повторната појава на корона вирусот во Црна Гора се должи на навивачи кои присуствувале на фудбалскиот натпревар помеѓу Црвена звезда и Партизан, одигран во Белград минатата недела.
Шефот на клиничкиот центар, Јевто Ераковиќ, изјави дека властите сега треба да испитаат колку луѓе преку Босна и Херцеговина заминале во Србија и се вратиле во Црна Гора и да ги утврдат нивните движења и контакти.
Секој од нив, доколку регуларно доаѓал во Црна Гора, ќе морал да се стави во карантин или изоалација – изјави Ераковиќ.
Тој потсети дека Црна Гора сè уште не ја отворила границата со Србија, поради високата стапка на инфекција во таа земја и истакна дека лесно може да се случи прелевање на пациенти.
Црвена звезда и Партизан на 10 јуни одиграа натпревар пред 25.000 гледачи, во време кога повеќето европски спортски натпревари се одржуваат без публика или со ограничен број на гледачи.
Во последното деноноќие во Црна Гора се регистрирани седум нови случаи на заразени со Ковид-19. Откако 42 дена по ред во земјата не беа регистрирани нови случаи, првиот беше детектиран на 14 јуни, вториот два дена подоцна, за сега да следуваат уште седум.
Земјата на 1 јуни ги отвори границите за 130 земји со помалку од 25 активни случаи на 100.000 жители, но не и со соседна Србија, што предизвика остри критики од Белград.
На почетокот на јуни црногорската влада прогласи крај на епидемијата на корона вирус на територијата на земјата откако 28 дена по ред, односно двојно повеќе од периодот на инкубација, не беше регистриран ниту еден случај на зараза.