Најмалку 50 лица загинаа, а 150 се повредени во огнената стихија која што ја зафати околината на грчкиот главен град Атина. Меѓу жртвите има и деца. Станува збор за најголемите пожари што ја погодија Грција во изминативе десет години.
Шумските пожари избувнаа во западниот и источниот крај на Атина по високите температури од над 40 Целзуисови степени и силниот ветер. Пожарникарите соопштија дека имало и над 150 повредени, некои од нив потешко и оти може бројот на жртвите да биде поголем. Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја прекина посетата на Босна и Херцеговина и се врати во земјата при што побара помош од Европската Унија и војската.
Повредени се повеќе од стотина возрасни лица, од кои 11 се сериозно, како и 16 деца. Загинатите се во источниот дел на областа Атика, каде што дел од луѓето, поради брзото ширење на пожарот, биле заглавени во нивните автомобили и домовите, додека пак за дел, причината за смртта е давење, откако спас од огнената стихија, побарале во морето.
Во Грција, постои стравување дека во текот на денот, ќе се зголеми бројот на жртвите.
Цела ноќ, до рано утрово траеше акцијата за спасување на луѓето заглавени на плажите во месноста Рафина, во источниот дел на областа Атика. Со приватни чамци и бродови, со бродови од редовните линии меѓу Атина и грчките острови, со фрегата и воени бродови од Министерството за одбрана на Грција и на грчката крајбрежна служба, се спасуваа граѓани по морски пат.
Во гаснењето на пожарите, учествувале над 600 пожарникари со над 400 возила , 7 канадери и 10 хеликоптери. Активни беа 3 жаришта, додека пак утрово, пожарот иако е ставен под контрола, се уште не е целосно изгасен.
Според заменикот министер за поморство, Некатариос Санторињос, вкупно 639 лица биле спасени, додека пак според министерот за одбрана на Грција, воената фрегата „Ели“, спасила72 лица.
Грција побара меѓународна помош, преку механизмот на ЕУ, позитивно одговориле Шпанија и Кипар, а помош ќе добие и од САД, по упатеното барање од министерот за одбрана.
Грчкиот премиер ја прекина посетата на Босна и Херцеговина и не учествуваше на манифестацијата во Мостар и се врати итно во Атина. Кусо пред полноќ, Алексис Ципрас го посети центарот за справување со кризи на грчката противпожарна служба, каде што со министрите од владата одржаа состанок и беше информиран за ситуацијата и рече дека е „тешка ноќ за Грција“.