Министерот за инфраструктура и животна средина на Косово, Љумир Абдиџику информира дека, според информациите од дипломатските претставништва, вкупно 834 косовски државјани кои се наоѓаат во разни земји во светот побарале враќање во земјата.
Абдиџику во изјава за медиумите нагласи дека сите кои ќе допатуваат од странство првично ќе бидат сместени на 14 дена во студентскиот дом во Приштина, кој од вчера е пренаменет во карантин за лицата за кои постои сомнеж дека се заразени со корона вирусот.
Тој порача дека на сите кои се затекнати надвор од Косово ќе им се овозможи да се вратат во државата, но апелира тоа да го направат единствено оние на кои тоа им е неопходно потребно.
– До моментов се евидентирани 834 граѓани кои сакаат да се вратат во Косово и ние ги третираме сите тие случаи. Денеска, утре и во идните денови сите тие граѓани ќе се транспортираат со средства и со помош на нашата војска и на нејзините припадници – изјави Абдиџику.