Автомобил марка „Пежо“ со регистерски таблички „КМ“, сопственост на Славко Симиќ, пратеник во Собранието на Косово и потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), е запален синоќа во градот Лепосавиќ во северно Косово, на границата со Србија, јави приштинската агенција „КосоваПрес“.
Извор на агенцијата информира дека врз автомобилот е фрлена експлозивна направа, при што е причинета само материјална штета и нема повредени лица.
– Синоќа по полноќ, во 1.30 часот, пред зградата во која живее Славко Симиќ во Лепосавиќ, фрлена е експлозивна направа врз неговиот автомобил, при што автомобилот целосно изгоре – вели изворот на „КосоваПрес“.
Информацијата за палењето на автомобилот на Симиќ ја потврди и портпаролот на косовската полиција за северниот регион Бранислав Тадовиќ, без да изнесе детали за инцидентот.