Зградата наречена Пирамида, која е изградена во Тирана како музеј посветен на комунистичкиот диктатор Енвер Хоџа, ќе се претвори во најголемиот центар за дигитално образование и иновации во регионот, пренесува порталот intellinews.com.
Реновирањето на зградата од 17.000 квадратни метри започна на 3 февруари на церемонијата на која присуствуваа премиерот Еди Рама и градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај.
Проектот се спроведува во соработка меѓу градот Тирана, Албанско-американската фондација за развој и компанијата за мобилни телекомуникации Водафон.
Пирамидата е дизајнирана од ќерката и зетот на Хоџа, а е отворена во 1988 година, три години по неговата смрт. По распадот на комунизмот, музејот беше претворен во културен центар, во кој некогаш имаше ТВ станица, деловни канцеларии, продавници и ноќни клубови и служеше како база на НАТО за време на конфликтот во Косово.
Сепак, до 2020 година, објектот главно беше неискористен.
Во Албанија се водеа долги дискусии за тоа што да се прави со Пирамидата, имајќи ја предвид поврзаноста на таа зграда со ликот и делото на Енвер Хоџа, додека претходната влада предложи целосно уривање и изградба на нова парламентарна зграда во таа област.
Според решението за дизајн на архитектонска фирма со седиште во Ротердам, овој објект ќе се претвори во деловен и корпоративен екосистем и технолошки кампус за ИТ обука, роботика и дизајн.