Поранешниот американски амбасадор во Србија, Вилијам Монтгомери, оцени дека во моментов работите во Косово и околу косовското прашање се движат во опасна насока.
Се надевам дека грешам, но јас сум крајно песимистичен во врска со ситуацијата за Косово. Сегашната позиција на косовското раководство е дека Декларацијата за независност променила сé и дека новото Косово може да парви сé што можат и другите независни држави, вели Монтгомери за агенцијата „Танјуг“.
Тоа значи игнорирање на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, воведување на такси од 100 отсто за српските производи и непочитување на Уставот, кој што, вели Монтгомери, е напишан од страна на Американците, а Албанците го промениле за да овозможат формирање на армија.
Покрај тоа, Монтгомери, забележува дека Европската унија нема моќ или волја да инсистира на имплементација на Бриселскиот договор, вклучувајќи го и ветувањето на формирање на Заедница на српски општини.
Албанците открија дека тие не мораат да се држат до ветувања и да бидат искрени кон ЕУ, додава тој.
Американскиот дипломат истакнал дека посебно е разочаран од тоа што САД го промениле својот долгогодишен став дека нема да се формира косовска армија.