Mитрополитот Амфилохије, кој се наоѓа во болница поради зараза со Ковид-19, имал влошување на дишењето и чувствува болка во градите.
Црногорско-приморската митрополија соопшти дека промената во здравствената состојба на митрополитот била утврдена за време на утринската медицинска проверка.
Според здравствените служби, Амфилохије не е поврзан на респиратор, но и натаму го користи режимот на неинвазивна вентилација, што значи дека белите дробови нормално ја извршуваат својата функција.
Сите анализи беа направени веднаш. Снимката покажа дека причина за отежнато дишење и болката е појавата на воздух во средниот дел на градниот кош, што често се јавува во ситуации кога пациентот има чувствителни бели дробови поради времетраењето на воспалението, што е речиси неизбежно кога станува збор за постари пациенти – велат од болницата.
Скенерот на белите дробови и белодробните артерии покажал дека нема тромбоза, а бронхоскопскиот наод потврдил дека дишните патишта се чисти.
Во наредниот период, како и досега, редовно и детално ќе известуваме за сите промени во врска со здравствената состојба на митрополитот Амфилохије, кој од 6 октомври е на болничко лекување поради тешкотии предизвикани од корона вирусот – соопштиле од болницата.
Митрополитот има 82 години и спаѓа во ризичната група на пациенти.