Предвремените парламентарни избори на Косово на 6 октомври биле добро водени и транспарентни, меѓутоа, во српските средини владеела атмосфера на заплашување дека морало да се гласа за Српската листа, оценија набљудувачите на мисијата на Европската унија.
Шефицата на Изборната набљудувачка мисија на ЕУ, Виола фон Крамон – Таубадел на конференцијата за новинари изјави дека предизборната кампања била жива и конкурентна и овозможила на кандидатите да спроведат слободна кампања во најголемиот дел на Косово.
– Изборниот ден беше мирен и помина добро. Набљудувачите од ЕУ не пријавија никаков поголем инцидент. Севкупната оценка за водењето, отварањето, гласањето и броењето е позитивна. Централната изборна комисија обезбеди транспарентност на процесот така што брзо на интернет ги објави прелиминарните неофицијални резултати на политичките субјекти и тоа по гласачките места, наведе Крамон-Таубадел.
Европските набљудувачи оценија дека и понатаму е проблем отсуството на транспарентност во врска со финансирањето на кампањата што резултирало со нееднакви услови за натпревар ширум Косово. Нагласено е и тоа дека слободата на избор на бирачите била спречувана со злоупотреба на јавните ресурси и позициите на моќ на централните и локалните органи на власт.
Крамон – Таубадел истакна дека во косовската српска заедница партиите кои сакале да се натпреваруваат против Српската листа не биле во состојба да водат ефективна кампања, делумно заради заплашување на кандидатите, нивните семејства и генерално на гласачите.
– Општините кои ги контролира Српска листа, како и Владата на Србија, ги повикуваат Србите да гласаат само за Српска листа, додека нивните противници беа прикажувани како антисрби. Со ова се ограничува фундаменталното демократско право на слобода на говор, слобода на собирање, застапеност и последователно на тоа изборниот процес за косовските Срби не успеа да ги достигне меѓународните стандарди, изјави таа.
Оцени и дека точноста и веродостојноста на избирачкиот список е долгогодишен проблем, затоа што конечниот избирачки список од 1.937.868 гласачи има повеќе регистрирани гласачи од проценката за популацијата која живее на Косово, заради големиот број луѓе во дијаспората, како и починатите гласачи кои и понатаму се на списокот.
Европската мисија ќе остане во Косово да го следи процесот на броење, како и разрешувањето на евентуалните жалби и приговори, се до потврда на конечните резултати.