Kандидатот на СДП Зоран Милановиќ, кој победи на првиот круг од претседателските избори во Хрватска, од својот изборен штаб им порача на граѓаните дека ги очекува втор круг од изборите, а не војна.
– Нека победи подобриот. А тоа сум јас. За две недели ќе биде што ќе биде. Во мене нема никаква горчина ниту страв – изјави Милановиќ.
Тој истакна дека е подготвен за вториот круг од изборите и оти е подготвен да ја работи работата на претседателот на државата.
Оптимист пред вториот круг е и актуелната претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, која истакна дека иако ја прозивале за наводни направени грешки, никогаш не направила нешто против Хрватска или против нејзиниот интерес.
– Сега сите мораме да се собереме заедно и одиме на победа. Вие бевте со мене во тешки и лесни, односно добри моменти – изјави Грабар-Китаровиќ, која заврши втора на вчерашните претседателски избори и ќе се соочи со Милановиќ во вториот круг.
Таа ги повика сите да излезат на вториот круг и да го дадат својот глас за подобра Хрватска.
Место во вториот круг нема да има за независниот кандидат, Мирослав Шкоро, кој го освои третото место, но тој порача дека е задоволен од својата претседателска трка, која покажала дека во Хрватска има простор за промени.
– Ние денеска славиме победа на слободата и изборот, веруваме дека промени се можни и не сме малку – 454.000 избирачи денеска покажаа дека мислат поинаку. Тргнавме од нула и дојдовме до 25 отсто – четвртина избирачи се со нас. Немојте да бидете тажни… Им честитам на кандидатите кои влегоа во вториот круг, аплаудирајте им – порача Шкоро.
Тој истакна дека луѓето од неговиот тим направиле чудо и оти претседателските избори покажале дека две третини од луѓето не се задоволни од актуелната власт.