На синоќешниот телевизиски дуел кандидатите за претседателските избори во Хрватска, кои влегоа во вториот круг, Зоран Милановиќ и Колинда Грабар-Китаровиќ, една од главните теми беа Србија и нејзиниот претседател Александар Вучиќ.
Милановиќ изјави дека доколку победи на изборите, на неговата инаугурација не би го поканил српскиот претседател, а Грабар-Китаровиќ истакна дека Вучиќ не би го викнала повторно во Хрватска додека не се реши прашањето со исчезнатите лица во војната.
Милановиќ не е против економската соработка со Србија поради „трговските врски на хрватските компании“.
– Патот на Србија кон ЕУ не би го блокирал, освен ако земјата не даде доволно причини за да нема друг избор. Не сакам блокирањето на евроинтеграциите на Србија да го користам како монета за уништување на една држава, која има несреќа да ја предводи Вучиќ – нагласи Милановиќ, нарекувајќи го воен кабадаија.
Грабар-Китаровиќ изјави дека Србија треба да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, вклучувајќи решавање на билатералните прашања, како што ги исполниле сите други држави, меѓу кои и Хрватска.
– На тоа ќе инсистираме. Во стратегијата за пристапување во ЕУ на државите од Западен Балкан се вели дека пред да стапат во членство тие мора да ги исполнат отворените билатерални прашања, особено прашањето со границите, исчезнатите лица, универзалната односно регионалната јурисдикција – наведе Грабар-Китаровиќ.