Албанскиот претседател, Илир Мета, гостувајќи во емисија на Тв Клан обвини дека државата е заложник на банда, контролирана од Сорос и оти народот мора еднаш и засекогаш да ја земе судбината во свои раце.
-Еди Рама се претвори во непријател на албанскиот народ. Мојата задача е да се залагам за Уставот и политичкиот плурализам.Рама е тој што ги протера младите од земјата, тој кој им наредува на армиските генерали да не доаѓаат кај претседателот, значи дека државата е заложник на банда контролирана од Сорос. Време е народот да ја земе судбината во свои раце – рече Мета.
Додаде дека „25 април е првата битка што започнува да го обновува уставниот поредок во Албанија“.
-Денот на парламентарните избори, 25 април е референдум. Луѓето ќе гласаат дали да одат во Европа или да одат во бездна. Мојата главна цел е да ја вратам Албанија на Албанците преку воспоставување референдуми, за да Уставот на Албанија повеќе не се доведува во прашање од две партии, како во 2008 година. Референдум на 25 април и по овој ќе има и други референдуми – рече Мета.
Тој одговори и на прашањето дали ќе биде лидер на опозицијата,за што редовно го обвинува премиерот Еди Рама.
-Јас денес сум лидер на Албанија. Оваа задача денес ми припаѓа мене. Јас сум лидер на Албанија и воопшто не ме интересираат партии – одговори Мета.
Во врска со гласањето во Собранието, каде беше отфрлена неговата уредба за измените во изборниот законик, Мета рече дека тоа го блокира патот на Албанија кон евроинтеграциите.