Црна Гора и Германија се согласиле да нема промени во границите на Балканот, ова била главната порака по средбата меѓу црногорскиот премиер Душко Марковиќ и германската канцеларка Ангела Меркел.
Марковиќ престојувал во официјална посета на Германија по покана на Меркел. А како што објави црногорската влада на социјалната мрежа „Твитер“, Црна Гора и Германија целосно се согласуваат да нема промени во границите на Балканот.
На состанокот на владините делегации, во однос на ситуацијата во неговата земја, Марковиќ посочил дека во борбата против организираниот криминал и корупцијата нема заштитени.
Првата официјална посета на Марковиќ во Германија, како што посочуваат тамошните медиуми, претставувала можност за размена на мислења со Меркел на тема билатерални односи.
Се разговарало за економската размена меѓу Црна Гора и Германија, за економската соработка меѓу земјите од Западен Балкан, особено во рамките на берлинскиот процес и за европската интеграција на Црна Гора.