Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), Албин Курти, не се појави на средбата со косовскиот премиер, Хашим Тачи, но и покрај тоа Тачи го назначи за мандатар за формирање на новата Влада на Косово.
Извори од претседателскиот кабинет за косовските медиуми велат дека Курти бил поканет за да му се предаде мандатот со официјален допис, но и телефонски, меѓутоа од ВВ немало никаков одговор.
По истекот на терминот за закажаната средба, одлуката на Тачи е испратена во седиштето на ВВ, а во текот на денот официјално ќе му биде доставена и на претседателот на Собранието, Глаук Коњуфца.
По ова, Коњуфца треба да свика седница на Собранието на која ќе се гласа за новата влада, доколку во рок од 15 дена Курти постигне договор со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) за владина коалиција, односно доколку успее да го обезбеди потребното мнозинство кое ќе гласа за составот на кабинетот кој ќе го предложи.
ВВ, како партија победничка на вонредните парламентарни избори одржани на 6 октомври во Косово, претпладнево написмено го извести Тачи дека Курти е нејзиниот предлог за мандатар за состав на новата косовска влада.