Лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти кое освои најмногу гласови на изборите на Косово, вели дека преговорите со Белград треба да подразбираат 3 принципи. Тие се, како што наведе, да нема договор без дијалог, да нема дијалог со мапи околу територии и околу мапите да се погрижат експерти за демаркација на границата, а не политичарите.
Тој за најновиот број на белградскиот неделник „НИН“ кажа дека косовскиот претседател Хашим Тачи работел противуставно додека преговарал со претседателот на Србија Александар Вучиќ околу територијата, бидејќи за меѓународните преговори и договори, како што кажа, мандат имаат владата и премиерот, кои одговараат пред собранието, а не претседателот.
–Ние ќе бараме интерпретација од уставниот суд за неговата политичка дејност. Неговата кариера е во залез – рече Курти.
Според него, идејата за Заедница на српски општини „не може да се оствари“ бидејќи е противуставна, како и дека Србите своите граѓански и национални права треба да ги остварат преку институциите на Косово.
–Јас сум спремен и волен да ги слушнам барањата за правата на граѓаните, но не и апетитите на Белград за територии – истакна Курти.