Лидерот на партијата Движење самоопределување (ВВ) и поранешен премиер на Косово, Албин Курти, по повод 30-годишнината од обединувањето на Германија, вели дека „многу западни и соседни држави тогаш беа загрижени“, но оти денес таа држава е „локомотивата на Европската унија“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Преку својата официјална страница на Фејсбук, Курти порача дека „Германија е пример и модел за развој преку работа и знаење, преку чесноста и државата“, додека за Албанците таа е и „модел кој го поткрепува аргументот дека националното обединување не носи дестабилизација, туку баланс, развој, демократија и мир“.
Лидерот на косовската опозиција им го честита јубилејот на челниците на германските институции, на канцеларката Ангела Меркел, на германскиот амбасадор во Косово и на сестринската Социјалдемократска партија на Германија.
Триесет години Обединета Германија. Пријатели на Косово, бидејќи се пријатели на универзалната правда и на законистоста во меѓународните односи. Пријатели на Албанците, бидејќи двата народа осетиле што значи да бидеш под диктаторски режими, кои наметнуваат поделба. (…) Многу западни и соседни земји беа вознемирени тогаш и се противеа на обединувањето на двете Германии. Но, денес сите се задоволни од Германија, локомотивата на ЕУ, гарантот на човековите права и демократијата, промоторот на добрите односи меѓу државите, напиша Курти.