Регион

Кумуцакос прашува: Дали меѓудржавните безбедносни договори се замена на Договорот од Преспа?

Кумуцакос прашува: Дали меѓудржавните безбедносни договори се замена на Договорот од Преспа?

Нова демократија денеска реагираше на планот „Б“ на грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, што од негова страна беше претставен на средбата со Вес Мичел во Вашингтон, пренесе грчката новинска агенција АНА-МПА.

Одговорниот за надворешна политика во најголемата грчка опозициска партија, Јоргос Кумуцакос, на неговиот официјален Твитер профил коментираше дека Грција е “единствената земја на планетата со двајца министри за надворешни работи”, изјави дека “политичката и дипломатска шизофренија на владата во прашањето со Скопје, не само што продолжува, туку сега се извезува и на меѓународно ниво” и достави пратеничко прашање, во кое бара одговори од Никос Коѕијас, јави дописничката на МИА од Атина.

Кумуцакос во писмениот допис до шефот на грчката дипломатија, го споменува она што го објави грчката државна агенција, за предлозите на Каменос на средбата со Мичел во Вашингтон.

– Господинот Каменос откако изрази убедување дека Договорот од Преспа нема да се ратификува во собранието во ПЈРМ,се чини, соопшти дека доставил алтернативен план, што „ги постигнува истите геополитички цели со Договорот од Преспа, но без да го допира прашањето со името”. Конкретно, според дописникот на АНА-МПА од Вашингтон, грчккиот министер за одбрана предложи „одбранбен договор меѓу Грција, ПЈРМ, Албанија и Бугарија, а подоцна и Србија, со цел да се создаде лак на стабилност на северната граница на земјата”. Исто така, на овој начин „ќе се запре руското навлегување на Балканот и ќе се заштити стабилноста во ПЈРМ“, пишува Кумуцакос во дописот

Одговорниот за надворешна политика во Нова демократија, бара одговор од Коѕијас на четири прашања меѓу кои “дали е запознаен за постоењето алтернативен план, за замена на Договорот од Преспа?”. Доколку одговорот е позитивен, тогаш Кумуцакос бара објаснување кој го одобрил и “дали тоа е јавна промена на грчката надворешна политика на Балканот и во прашањето за името”. Прашува и дали Коѕијас смета дека предлогот на Каменос помага во подготовките за посетата на Ципрас на Русија во декември.

– Кој ја води надворешната политика на земјата? Министерот за одбрана или Вие?, прашува Кумуцакос во дописот со пратеничко прашање до министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас.