Регион 29. мај 2020. / 22:30

Крст на главата како лек за корона: Хрватски полицајци малтретирале мигранти

Крст на главата како лек за корона: Хрватски полицајци малтретирале мигранти

Повеќе од 30 мигранти раскажале за британски „Гардијан“ дека хрватските полицајци ги тепале и ги ограбувале, а исто така со спреј им цртале крстови на главите тврдејќи им дека тоа е лек за корона вирусот.

Хрватското Министерство за внатрешни работи ги демантира ваквите пишувања на угледниот британски весник и истакнува дека мигрантите ја измислиле целата приказна.

„Гардијан“ дошол до ваквите сознанија откако мигрантите, меѓу кои има и деца, сами се пожалиле во редакцијата и им испратиле фотографии.

Нашата група беше во полициско комбе кое имаше стаклена преграда, па можев да видам дека полицајците застанаа до една продавница за да си купат пиво. Пиеја пиво додека патувавме кон една мала река во близина на Велика Кладуша – раскажал еден Пакистанец.

Тогаш, рекол тој, почнало малтретирањето. Полицајците им наредиле да излезат од комбето еден по еден. Тогаш со спреј им цртале крстови на главите.

Ни направија крстови на главите, а на неколкумина им нацртаа бркови со спрејот – раскажал мигрантот.

Тој вели дека потоа ги натерале да ја соблечат облеката.

Ни ги зедоа сите пари и мобилните телефони, а облеката ја запалија. Потоа зедоа дрвени стапови и почнаа да нè тепаат. Нè турнаа во реката и ни рекоа да не се враќаме – рекол тој.