Регион 13. август 2020. / 18:30

Косовското Собрание не го изгласа законот за ОВК во прво читање

Косовското Собрание не го изгласа законот за ОВК во прво читање

Собранието на Косово не го изгласа во начело нацрт-законот за вредностите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и одлучи истиот да биде вратен на гласање во некоја друга прилика, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пратениците на двете најголеми партии, владејачкиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК) и опозицското Движење самоопределување (ВВ), не присуствуваа на гласањето во прво читање на нацрт-законот, за кој гласаа 36 пратеници, од кои 35 „за“ и еден „воздржан“.

Овој нацрт-закон беше остро критикуван од меѓународниот фактор, кој забележа дека со него се задушува слободата на изразување, а предизвика делби и на домашната политичка сцена.

Лидерот на ЛДК, Иса Мустафа го повика вчера предлагачот, Демократската партија на Косово (ПДК), да го повлече наацрт-законот, поради тоа што, како што рече, „има многу забелешки и непрецизности“. Од ВВ, пак, забележаа дека „има нечесни намери“ кај оние кои го изготвиле законскиот проект.

Основач на ПДК е претседателот на државата Хашим Тачи, а нејзин актуелен лидер е Кадри Весели, обајцата обвинети, како едни од основачите и водачите на ОВК, пред Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово. Тачи и Весели, заедно со други водачи на таа воена организација, се сомничат за убиството на над 100 цивили од албанска, српска и други националности, за време и непосредно по војната во Косово во 1998-99 година.