Министерот за внатрешни работи на Косово, Бејтуш Гаши најави дека во блиска иднина, во рамките на косовското МВР, ќе се формира единица за дерадикализација на лицата кои учествувале и учествуваат во конфликтите во Сирија и Ирак, јавува дописникот на МИА од Приштина.
Гаши во Каменица рече дека многу косовски граѓани се вклучени во судирите во Сирија и Ирак, и нивното враќање во Косово треба да се следи со сите важечки процедури и закони, тргнувајќи од Конвенцијата за човековите права, Уставот и законите кои ги регулираат овие прашања.
– Потоа ќе се преземат мерки. Дерадикализација значи реинтеграција на тие кои се во воените зони. За овој процес ја имаме поддршката и од ИЦИТАП (Меѓународна програма за помош во криминални истраги) и од други меѓународни институции, како и нивното искуство. Имаме држави и меѓународни проекти кои не поддржуваат за да бидеме подготвени за такви случаи со кои можеме да се соочиме во идните месеци. Не можам да ви кажам точно, но, има извесен број граѓани таму, кои се очекува да се вратат во Косово и ние ќе ги преземеме сите мерки и процедури за да можеме да им дадеме помош да се реинтегрираат, изјави Гаши.
Според последните податоци на косовската полиција, значителен број косовски државјани, вклучително жени и деца, се наоѓаат во споменатите две држави.