Задоволството на косовските граѓани од работата на извршната и законодавната власт, како и на судството, годинава забележа пад во споредба со минатата година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Истражувањето на програмата „Јавен пулс“ на УНДП покажа дека само 32,5 отсто се задоволни од работата на централните институции, споредено со 36 отсто колку што беа во 2017 година.
Приближно ист процент од испитаниците се задоволни од работата на премиерот Рамуш Харадинај (33,2 отсто, од 42,3 колку што изнесувал во октомври минатата година), а помалку од претседателот на Собранието, Кадри Весели (31,5 од 36 отсто).
Пораст на задоволствотот од 1,5 отсто во однос на минатотгодишното истражување има за работата на претседателот Хашим Тачи (од 37,6 на 39,1 отсто).
Најголема загриженост испитаниците изразиле поради невработеноста (29 отсто), следи корупцијата (14) и сиромаштијата (8 отсто).