Претседателството на Собранието на Косово ќе се состане со една точка на дневниот ред – подготовки за конститутивна седница на Парламентот закажана за 26 декември.
Собранието објави дека состанокот ќе почне во 11 часот.
Според деловникот на Собранието, подготовката за конститутивната седница на Собранието е одговорност на претседателот на претходниот состав, а во случајов, тоа е Кадри Весели од Демократската партија на Косово.
Првата седница на новото Собрание за 26 декември ја закажа косовскиот претседател Хашим Тачи. На крајот на ноември, Централната изборна комисија ги потврди резултатите од предвремените парламентарни избори во Косово, што се одржаа на 6 октомври, според кои победник беше движењето Самоопределување со 221.001 глас, или 26,27 проценти.
На второ место е Демократскиот сојуз на Косово со 206.516 гласови, или 24,54 проценти, додека на третото е Демократската партија на Косово со 178.637 гласови или 21,23 проценти.
Лидерите на Самоопределување и Демократска алијанса на Косово, Албин Курти и Иса Мустафа, се согласија за коалиција и преговараат за нова влада на Косово.