Уставниот суд на Косово ја објави денеска конечната пресуда, со која досегашната Влада, предводена од Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), се прогласува за нелегитимна и се наложува одржување вонредни парламентарни избори, јави дописникот на МИА од Приштина.
Судот на 21 декември пресуди, а денеска го објави и образложението, во полза на опозициското Движење самоопределување (ВВ), кое го оспори правото на еден од пратениците во Собранието кои гласаа за избор на кабинетот на Хоти, поради тоа што бил правосилно осуден поради кривично дело.
Во пресудата на Уставен се нагласува дека нема право да се кандидира за пратеник лице кое три години пред одржувањето на изборите било казнето со првосилна пресуда со затвор во траење од повеќе од една година.
Според дел од косовските медиуми, освен што се урива Владата на Хоти, денешната одлука е на штета и на самото ВВ, затоа што, како што велат некои од правните експерти, со неа му се забранува и на лидерот Албин Курти и на неколку видни членови на таа партија да се кандидраат за пратеници на наредните парламентарни избори, кои треба да се одржат во наредните пар месеци.
Курти и неколку негови блиски соработници беа осудени на условни казни од над една година затвор, кои подоцна, со одлука од септември 2018 година, станаа правосилни со одлука на апелациониот суд. Лидерот и тројца тогашни пратеници на ВВ беа осудени заради „користење оружје или опасни средства“ (по фрлањето солзавец за време на собраниските седници) и „попречување на службено лице во вршењето на должноста“ на демонстрациите во косовскиот главен град.
Поранешниот претседател на Уставниот суд на Косово, Енвер Хасани за порталот „Газета Експрес“ изјави дека, очекувано, според денешната конечна пресуда, Курти нема право да се кандидира за пратеник пред да истече рокот од три години од пресудата против него, односно до септември оваа година.
– Пресудата е таква каква што се очекуваше дека ќе биде. Ништо ново. Значи дека Албин Курти не може да се кандидира за пратеник (…), а истото вреди и за секој друг кој е казнет правосилно, изјави Хасани.
Истото, во изјава за медиумите на групацијата „Коха“, го тврди и правниот експерт Ехат Мифтарај, кој вели дека со денешната објава на Уставен само се потврди пресудата од 21 декември.
– Со оваа пресуда Уставниот суд го потврди тоа што беше кажано во првата одлука, а тоа е дека сите осудени во последните три години со правосилни одлуки нема да може да се кандидираат за пратеници, вклучително и Курти, вели Мифтарај.
Од партијата на поранешниот премиер Курти засега нема официјална реакција на одлуката на Уставен.
Адвокатот Том Гаши, кој е член и правен застапник на ВВ, кратко изјави дека не е точно оти Курти нема право да учествува на наредните избори.
Членката на партиското раководство на ВВ, Тинка Курти, преку нејзиниот Фејсбук порача дека „нема таков заговор кој ќе ја спречи народната волја за победа на Самоопределување!“.
ВВ на претходниот премиер Албин Курти му го оспори правото да биде пратеник на Етем Азири, претставник на партиите на немнозинските етнички заедници, а со тоа и правото на глас за избор на новата влада.
Уставниот суд одлучи дека Азири немал право да гласа, а со оглед дека со неговиот глас кабинетот на Хоти го обезбеди минималното потребно мнозинство од 61 пратеници во 120-членото Собрание на Косово, со поништувњето на тој глас досегашната влада го изгуби легитимитетот.
Со конечната одлука на Уставен се наложува оргнизирање вонредни парламентарни избори, кои треба а се одржат најдоцна 40 дена по нивното прогласување, по договор со со парламентарните партии, од страна на вршителката на должноста претседател на државата, Вјоса Османи.