Регион 20. мај 2018. / 13:10

Косовски град во „карантин“ по затворањето на патот Приштина-Скопје

Косовски град во „карантин“ по затворањето на патот Приштина-Скопје

Затворањето на патот Приштина-Скопје, на потезот меѓу Качаник и Елез-Хан, сосема им го смени животот на жителите на косовскиот град на границата со Македонија, пишува во денешното неделно издание „Коха Диторе“.

Многубројните ученици од Елез-Хан кои учат во стручните средни училишта во Качаник до сега за да стасаат на училиште излегуваа од дома 15 минути пред почетокот на наставата, а сега патуваат по повеќе од еден час, и најчесто доцнат. Уште повеќе губат оние кои учат во Урошевац – тие изостануваат од последните два часа за да можат да ги фатат последните автобуси за дома.

Последици чувствуваат и локалните бизниси. Една компанија го прекина сообраќањето на линијата Качаник-Елез-Хан, а оние кои прдолжуваат да возат двојно ги зголемија цените. Таксистите од Елез-Хан до Качаник возат за пет пати повисоки цени одошто досега. Никој не го напушта пограничниот град ако нема некоја голема мака, пишува приштинскиот весник.

Од 8-ми мај, кога Министерството за инфраструктура го затвори патот поради честите одрони, им се сменија плановите на сите кои имаат работа надвор од градот, а им се менуваат плановите и на оние кои имаат намера да патуваат за Елелз-Хан, па и за Скопје. Како што јавува дописникот на МИА од Приштина, за да се стигне до градот или до границата на Блаце сега треба да се поминат десетици километри повеќе, низ тесен и змијолик пат. Така, на пример, ако досега од Приштина до Блаце се патуваше околу еден час, сега се потребни два часа. Друга алтернатива е да се оди преку граничниот премин Јажинце, но од Приштина до Скопје по овој пат, наместо 90-тина километри како до сега преку Качаник, сега, преку Јажинце и Тетово треба да се поминат околу 150 километри.

Министерството за инфраструктура најави дека работите за реконструкција на спорниот дел од патот Приштина Скопје ќе траат околу еден месец. Жителите на селата од Качаник и од Елез-Хан, поради големите проблеми кои им ги предизвика ова затворање на патот, побараа и оставка од надлежниот министер.