Регион 31. октомври 2019. / 12:01

Косово за конечните резултати од изборите ќе почека до декември

Косово за конечните резултати од изборите ќе почека до декември

Поради бројните приговори поднесени од политичките партии и кандидати, потврда на резултатите од изборите во Косово одржани на 6 октомври би можело да се пролонгираат до декември, изјави претседателката на косовската Централна изборна комисија, Ваљдете Дака.

Таа не можеше да каже дали резултатите од изборите ќе бидат потврдени на крајот на ноември или почетокот на декември.

– Ако се прифатат жалбите, би можело да се оди на потполно пребројување. Начинот на жалби мора да биде уреден како и во другите земји, зошто доцнењето навистина многу оптеретува, рече Дака.

Од изборите до денеска повтрорно се преброени гласовите на повеќе стотина места заради технички пропусти за време на собирањето на резултатите веднаш по затворање на избирачките места.

Дополнително се доцнеше и со пребројување на гласовите испратени по пошта од Србија.

Во неколку наврати Одборот за жалби и претставки неколку пати го одби барањето на движењето „Самоопределување“ да се пребројат гласовите од албанската дијаспора кои наводно стигнале со задоцнување.

Врховниот суд на крајот ја уважи жалбата на движењето и тие гласови ќе се бројат денеска.

„Нисма-социјалдемократија“ во повеќе наврати јавно побара да се пребројат сите гласови од 6 октомври, тврдејќи дека се оштетени и дека имаат доволна поддршка за да го надминат цензусот од пет отсто.

Истата партија и неколку други бараа отфрлање на српските гласови од Србија, што Одборот за жалби упорно го одбиваше.

Изминатите два парламентарни изборни циклуси, на Централната изборна комисија им требаше еден месец за да ги соопштат конечните резултати.