Регион 21. ноември 2018. / 12:32

Kосовo: Oпозицијата бара оставки поради неуспехот во Интерпол

Kосовo: Oпозицијата бара оставки поради неуспехот во Интерпол

Претставници на косовското опозициско движење Самоопределување оценија дека неуспехот на Косово во обидот да стане членка на Интерпол е ужана вест, поради што оставка треба да поднесат претседателот Хашим Тачи, премиерот Рамуш Харадинај и министерот за надворешни работи, Беџет Пацоли, пишуваат приштинските медиуми.

Опозицијата оцени дека неуспехот не е изненадување, но претставува чекор назад за Приштина, поради што лидерите треба да сносат одноворност.

На вчерашното Собрание на Интерпол во Дубаи се гласаше за примање на Косово како нова членка во меѓународната полициска организација. Поради неуспехот на Косово да обезбеди двотретинско мнозинство, барањето беше одбиено. „Против“ гласаше 51 држава, 68 земји гласаа „за“, а 16 беа воздржани. Ова e трет обид на Косово да стане членка на Интерпол. Амбасадите на САД во Белград и на Велика Британија во Приштина, оценија дека одлуката Косово да не се прими во Интерпол е разочарувачка, додека амбасадорот на Русија, Александар Чепурин, му честиташе на српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, за, како што напиша на „Твитер“, одличната работа во Дубаи. Српскиот претседател, Александар Вучиќ, рече дека одбивањето на барањето за членство на Косово во Интерпол е успех на Србија, но поради тоа не е потребна еуфорија и понижување на Косово. Од друга страна, косовскиот претседател, Хашим Тачи вчера изјави дека сега е појасно од кога било оти е неопходен конечен и сеопфатен договор помеѓу Косово и Србија, за да се осигура членството во меѓународните организации.